ХОБИ - Филип Здравковски

February 2020

ХОБИ - Филип Здравковски

Нашиот колега Филип Здравковски кој што работи на позиција Продукт Менаџер во Нептун Македонија, на интересен начин ни го претставува своето хоби, за кое ќе може да прочитате во интервјуто што следи. 

Кое е твоето хоби?

Хоби би кажал дека е модерното значење на рекреација, а рекреацијата на многу начини претставува освежување на телото и умот. Јас во раните години на мојата младост тој совршен спој го пронајдов токму во Пинг-Понгот.

Како би го опишал твоето хоби?

 Пинг понгот е најмасовниот идивидуален спорт во светот, секако голема заслуга за тоа има неговата популарност во Кина, меѓутоа не постои дел од планетата каде не се одвива борба за победа во игра со рекети и мало топче. Пинг-Понгот често (што е и погрешно) се смета за рекреативен спорт, оваа теза ја демантира моќта на пластичното топче во кое се крие просечна брзина од 100 км/час како и 3000 ротации во минута за што ви е потребно врвна кондициска спремност, максимална концентрација како и брзи рефлекси.

 Дали се занимаваш со уште нешто?

 Бидејќи сум љубител на природата, многу често издвојувам дел од слободното време да одам на риболов поред река или езеро.

Што беше одлучно да се занимаваш со пинг понг?

Без оглед на тоа дали станува збор за борба за олимписко злато или попладневен дуел на двајца другари во гаража, пинг-понгот со себе носи неверојатно возбудување и скок на адреналинот.

Желбата за натпреварување како и многуте здравствени бенефити кој ги носи овој спорт со што го прави пинг-понгот совршена игра младите да ги изострат рефлексите, да ја развијат менталната острина, да ја подобрат концентрацијата и тактичката стратегија.

Од кога играш Пинг Понг?

Уште од најрана возраст каде и да имаше пинг-понг маса, на натпреварувањата во основно училиште, на одмор, натапреварите во маалските клубови секогаш бев присутен и меѓу првите пријавен за игра. Но моите први тренинзи ги започнав на 15 години во Пинг-Понг клубот Ѓорче Петров.

Дали имаш слободно време да му се посветиш на твоето хоби, и колку часа неделно посветуваш?

 Доколку правилно се менаџира слободното време, може да пронајдеме време за сите активности. За да ја одржувам мојата форма потребни се 2-3 тренинзи неделно во времетраење од 2 часа.

Дали може да заработуваш со ова хоби?

Во Македонија пинг-понгот како спорт за жал ја нема таа медиумска и финансиска моќ која ја имаат другите екипни спортови, со што да се заработува од пинг понгот во нашата земја е практично невозможно.


Твои достигнувања изразени во бројка?

Како резултат на напорната работа, тренинзите, поветеноста и дисциплина почнаа да се појавуваат и резултатите, едни од подрагите мои достигнувања во овој спорт би ги издвоил:

  • 2 место поединечно – Јуниорско првенство на Р.Македонија 2008г.
  • 2 место поединечно – Универзитеско Пинг-Понг првенство на Р.Македонија 2010
  • 1 место екипно - Универзитеско Пинг-Понг првенство на Р.Македонија 2010
  • 1 место поеднечно и екипно поединечно – Универзитеско Пинг-Понг првенство на Р.Македонија 2011
  • 1 место – пинг-понг турнир 65 години постоење Градежен Факултет 2012.
  • 1 место – пинг-понг турнир на град Скопје.
  • 1 место во Македонската прва Пинг-Понг лига со ППК Спин Стига 2013.
  • 3 место конкуренција парови на Државно сениорско Пинг-Понг првенсто 2014.
  • 5 место поедичено на Државно Сениорско Пинг-Понг првеснтво 2015,
  • 3 место во Македонската Супер Лига со ППК Вардар 2016/2017.
  • 1 место во Македонската Супер Лига со ППК Вардар 2017/2018
  • 1 место во Македонската Супер Лига со ППк Вардар 2018/2019.

Дали постои опасност?

Пинг-Понгот е спорт во кој преовладуваат брзи, динамични и енергични движења, а основната позиција е да сте полу-клекнат со што најчесто страдаат колената, зглобовите, како и од неправилни движења може да се појави повредата тениски лакт.

Дали те смирува, опушта?

Секако, било кој тренинг или спортска активност психофизички делува позитивно со што доведува до подобро расположение и помалку стрес. Сепак доколку загубите, не е толку опуштено. J

Дали познаваш многу луѓе кои се занимаваат со твоето хоби?

Да, голем број мој пријатели рекреативно играат Пинг-Понг во слободното време,  а официјалано во нашата земја има повеќе од 250 активни пинг понг играчи распределени во 3 национални лиги.

Дали трошиш (многу) пари за твоето хоби?

Како во секој спорт, опремата мора да се обновува. За пинг-понг потребни се ниски патики за во сала и се разбира рекетот. Рекетот е составен од дрво и две гуми, доколку сакате да добивате максимален перформанс на рекетот гумите треба да се менуваат на 6 месеци. Кога е во прашање рекетот во пинг-понгот тука се крие една цела наука, постојат повеќе од 2000 гуми и дрва со различни перформанси, како што е брзината на гумите, ротацијата која ја даваат, висината на парабола, контролата, согласно вашиот стил на игра како и стратегијата која планирате да ја примените за одреден противник, секој пинг понг играч кој активно сака да се натпреварува треба да има 3 рекети.

Дали ќе го препорачаш твоето хоби на други, што треба да знаат за да започнат со него?

Апсолутно, пинг-понгот е прекрасен спорт за машки и женски кој буквално може да уживаат во него луѓе од 7 до 77 години. Освен индивидуално може да се игра и екипно, одлична рекреација за да избегате со пријателите од секојдневниот живот, да биде присутен натпреварувачкиот дух, како и со самото пратење и удирање на пластичното топче е еднакво како да правите напорно кардио како на телото така и на умот.