January 2020
Како поблиску до идеалната работа за вас?
Дали често си ги поставувате овие прашања во врска со работата:
Доколку одговоривте негативно на барем 5 од наведените прашања, тогаш најверојатно е време да размислите да направите промена во вашата кариера.
Промена на работното место е една од најтешките одлуки со кои се соочуваме во животот. Често и по цена да не сме среќни со тоа што го работиме, по цена да трпиме притисок, да не сме почитувани и да ни трпи приватниот живот, сепак одлучуваме да останеме на работно место само затоа што чувствуваме некаква „сигурност“. И точно, потребата за сигурност и безбедност е на второ место во пирамидата на основни потреби на Абрахам Маслов, после задоволувањето на физиолошките потреби како примарна потреба на секоја индивидуа. Но доколку сигурноста и комфорт зоната не ни дозволуваат да одиме напред и да сме исполнети на погорните нивоа односно доколку не можеме да ги задоволиме сопствените потреби за дружење, припадност, љубов, а понатаму и потребите за самопочитување и надоградување на способностите и потенцијалите, тогаш доаѓаме во фаза на незадоволството и отсуството на мотивација. Немотивиран и несреќен вработен е најлошата услуга што си ја правиме себеси и на компанијата/средината во која што се наоѓаме. Тогаш доаѓаме до точка кога дефинитивно мораме да смениме нешто. Не секогаш промената на компанијата треба да биде првата опција. Можеби постојат можности за промена на работното место и секторот во рамки на компанијата. Разговарајте со вашите претпоставени и разгледајте ги сите можности во компанијата пред да донесете одлука. Доколку не постои нешто што би ве задржало од аспект на остварување на своите амбиции, желби и потенцијали тогаш подгответе се да се нурнете во океанот од можности. Немојте да мислите дека сте единствените што се незадоволни од својата работа. Истражувањето “State of Global Workplace 2018“ покажа дека дури 85% од луѓето не се задоволни од своите работни места.
Од каде да започнете?
Поставете си цел
Првиот чекор е да си поставите пред себе ЦЕЛ. Размислете и дефинирајте Што е она што сакате да го работите, каков тип на работни задачи ве исполнуваат, каде можате да го искористите веќе стекнатото знаење и вештини. Исто така размислете која е целта и значењето што сакате да ја има вашата работа за вас и за пошироката општествена реалност.
Одберете повеќе компании/индустрии/сектори од интерес
Откако одредивте која е работната позиција која ја сакате, следно е да одредите кои се компаниите и индустриите кои ќе има корист од профилот како вашиот. Не се ограничувајте само на една индустрија или на еден сектор. Вашите шанси за наоѓање на работа од соништата се многу поголеми ако вклучите што повеќе компании и сектори. На пример, ако сте работеле во сектор продажба во градежна индустрија истражете ги сите компании кои се занимаваат со продажба на било какви производи или услуги. Вашето искуство од конкретната индустрија може да донесе многу свежина и различни перспективи во компании кои на пример се од областа на стоки за широка потрошувачка, било да е тоа храна, пијалоци, козметика, хемија, апарати за домаќинство, потоа недвижности, алати, па и разни типови на услуги, осигурување, телекомуникациски услуги и сл. Важно е да не се ограничувате единствено на секторот во кој што имате искуство.
Направете листа на компании почнувајќи од оние кои веќе ви се познати и знаете дека се солидни компании кои имаат задоволни вработени кои јавно го искажуваат своето задоволство во поглед на услови за работа, работна средина, бенефиции и можности за развој. Потоа направете темелно истражување на слични компании преку нивните веб страни и страните на социјалните мрежи. Денес кога дигиталните медиуми и социјалните мрежи го имаат приматот во рекламирањето не само на производите и услугите кои ги нудат компаниите туку и самите компании сопствениот бренд како работодавач често го промовираат преку дигиталните канали на комуникација, можеме да оформиме одредена слика за работната средина и културата на компанијата. За да ја комплетираме сликата добро е да имаме информација и од некои вработени во самата компанија, а најдобро сами ќе осознаеме повеќе доколку добиеме шанса за интервју.
Подгответе CV и мотивационо писмо кое ќе ве издвои од останатите
Вашата работна биографија треба да биде структуирана, концизна и да ги содржи вашите главни одговорности и достигнувања. Работната биографија треба да го раскажува вашиот прогрес во кариерата и да ги отсликува вашите амбиции. Со неколку зборови креирајте ја вашата „професионална персона“ која ќе ве издвои од останатите и сигурно ќе биде забележана од страна на регрутерот. Кога аплицирате на оглас внимателно прочитајте го описот на работното место и бараните квалификации. Аплицирајте доколку се вклопувате во барањата, но прилагодете го CV-то според барањата и ставете акцент на она што се бара во описот.
Бидете проактивни во барањето на работа
Испраќајте го вашето CV и мотивационо писмо преку страните за кариера во компаниите кои ги одбравте и без да има отворени огласи. На Linked IN најдете ги контактите од луѓето во човечки ресурси задолжени за регрутација и директно испратете им ја вашата работна биографија за да ве имаат во предвид кога ќе имаат потреба од вашиот профил. Покажете желба и ентузијазам за бизнисот, секторот, индустријата и потенцирајте како вие би придонеле за развој на компанијата. Сигурно нема да помине незабележано, но не се обесхрабрувајте ако веднаш не добиете одговор. Едноставно можеби во моментот не постои потреба, но тоа не ја исклучува можноста да ве побараат во иднина.
Искористете го вашиот круг на пријатели, познаници и соработници кои се задоволни од своите компании кои би можеле да ве препорачаат кај одговорните лица во нивните организации. Многу често препораките кои доаѓаат од страна на вработените се добредојдени за регрутерите и со тоа шансите да добиете можност за интервју се уште поголеми.
Подгответе ја вашата приказна со која ќе се претставите на интервју
Подготовката за интервју е една од најважните работи која ќе ви помогне да дојдете до посакуваната работа. Често притисокот кој постои бидејќи во 15-20 минути треба да се претставите во најдобро можно светло може да го избегнете со добра подготовка. Првиот чекор е да истражите што повеќе за компанијата, нејзините вредности, мисија, визија и култура. Смислете приказна која ќе ги отслика вашите достигнувања, вашите способности и квалитети. Наведете како вашите вредности се во согласност во вредностите и културата на компанијата. Бидете автентични, бидете позитивни, покажете ентузијазам и едноставно бидете свои. Обично прашањата на интервјуата се базираат на компетенции, така што кога се подготвувате за интервју добро е да се водите по моделот: 1. именувајте вештина; 2. наведете пример кога сте ја стекнале или употребиле вештината и 3. објаснете како вештината ќе биде корисна за новата работа. Смислете неколку такви примери и реални ситуации од вашето искуство со што ќе индицирате дека вашите квалитети и способности ќе донесат вредност за компанијата и работата.
Доколку им ја покажете на луѓето кои ве интервјуираат вистинската ваша личност, им покажете дека ги имате бараните способности или пак дека имате желба и капацитет да ги развиете и воедно дека вистински ја сакате работата, дека тоа е она што ве исполнува и има значење за вас, тогаш големи се шансите да ја добиете работата.
Едноставно блеснете на интервјуто, донесете ја вашата енергија, уникатност, желба за успех и бидете подготвени да ги надминете сопствените способности.
„Доколку планирате да бидете помалку од она што можете да бидете, најверојатно ќе бидете несреќни до крајот на животот“
Абрахам Маслов