March 2024
На 26.03.2024, нашата компанија организираше еден незаборавен настан посветен на добросостојбата на вработените мајки.
25 Супер Мајки имаа можност да учествуваат во работилница на која гостин предавач и модератор беше Љупчо Трифуновски, педагог, обучувач, постар стручен соработник за развој на деца, вработен во СОС Детско Село. На тема "Комуникација и воспитување на деца и млади во период на пред-пубертет и пубертет", нашиот настан беше полн со инспиративни разговори, корисни совети и топла поддршка.
Разговаравме за предизвиците и радостите на родителството, и како да градиме силни врски со нашите деца додека тие растат и се развиваат.
Нашите мајки споделија свои приказни и искуства, создавајќи простор каде секој може да учи и да расте.
Благодариме на сите кои присуствуваа и придонесоа кон успехот на овој настан!
Споделуваме и неколку искуства од учесничките на настанот:
„За мене Нептун Супер Мајки беше уникатна можност да бидам дел од супер мајки каде што на едно место имав можност да се сретнам со огромен сплет на искуство, лични ситуации, решливи и навидум нерешливи проблеми, многу емоции и љубов кон децата. Преку настанот воочивме колку сме сите уникатни, моќни, храбри, посветени, грижливи, ранливи... колку сме посветени кон домот, децата, колку имаме желба да се менуваме, да се подобруваме, а се со цел да бидеме уште подобри и попосветени родители.“ – Даниела Карадаков
„Прв пат сум дел од “Супер Мајки“ настанот кој го организира Нептун, и иако колешките претходно споделија многу позитивни впечатоци од минатите години, сепак морам да кажам дека бев навистина воодушевена. Можноста да чуеш и споделиш искуство за толку важна тема, како што е детскиот развој, со мајки кои секојдневно се соочуваат со истите предизвици со кои се соочуваш и ти, е непроценливо. Секако и дека уживав во запознавањето и дружбата со колешки кои, доколку не постојат вакви настани, можеби и никогаш не би ги запознала. Би сакала да напоменам дека особено ми се допадна пристапот на предавачот кој успеа да ми го задржи вниманието во текот на целиот настан, како и темите кои ги опфати и кои ги разработи преку примери и секојдневни ситуации. Од овој настан излегов побогата за едно ново искуство и многу идеи и стратегии кои ќе ми помогнат да бидам уште подобра мајка за своите деца.“ – Маја Димитриевска
„За мене настанот Супер Мајки беше едно одлично и позитивно искуство. Имавме можност да размениме интересни увиди и искуства поврзани со родителството и секојдневните предизвици со кои се среќаваме. Преку оваа работилница собравме корисни совети кои ќе ни бидат од помош во иднина. Ми беше чест да бидам во круг на прекрасни колешки и Супер Мајки. Премногу сум благодарна за поканата на овој настан и за подарокот. Се надевам на повторен настан со ваква содржина 😊“ – Емилија Чаушевска