January 2021
Ана Костовска, менаџер за човечки ресурси во Нептун Македонија, беше прогласена за најдобар менаџер за човечки ресурси за 2019 година на годинешните HR награди што ги организира Македонската асоцијација за човечки ресурси. Во интервју за 24HR таа открива што значи оваа награда за неа, какви ЧР иницијативи презеде Нептун Македонија во изминатиот период и со кои предизвици се соочува еден професионалец за човечки ресурси во секторот малопродажба.
Оваа награда е многу значајно признание за секој HR професионалец. Освен формалната потврда од страна на лидерите во областа на управување со човечки ресурси, за мене лично претставува и потврда дека имам прекрасни луѓе во моето опкружување. Ова најмногу се однесува на тимот за човечки ресурси во Нептун Македонија затоа што никој сам не е заслужен за било кое достигнување. Дополнително, наградата за HR манаџер на годината ја доживувам и како должност да допринесам уште повеќе во иднина и ништо помалку од тоа и не би сакала.
На Нептун Македонија една од главните цели и е интерен развој на луѓето. Секој пат кога се отвора можност за нова позиција, предност се дава на вработените, па оттаму вложувањето во човечките ресурси е неизбежно.
Дополнително на ова, компанијата попрво проактивно ќе вложи во развојот на вработените независно од тоа дали ќе може да понуди соодветна позиција во иднина, отколку да ги одржува на исто ниво од страв да не си заминат на подобра позиција во друга компанија. Секако дека бенефитот од развојот на луѓето е бенефит и за компанијата, но дури и кога не е извесно унапредување за одреден вработен, сакаме да осигураме дека секој ќе има можност да порасне во Нептун во смисла на лични и професионални вештини. Ако тој раст Нептун како компанија нема простор за го искористи, вработениот секако ќе може.
Без континуиран развој сигурен исход е само назадување, така што и не постои друга опција ако компаниите сакаат да одат напред.
Во нашата компанија имаме висока стапка на задржување на вработени и голем број на долгогодишни вработени што е гордост за сите нас. Од друга страна, имаме голем број на вработени, а со тоа и голем број на талентирани луѓе. Независно колку некој заслужува, можностите за унапредување се ограничени и ова е голем предизвик и за нас и за целата индустрија.
За надминување на овој предизвик, изминативе две години излегуваме од класичната хиерархија и воспоставуваме повеќе работни групи преку кои вработените добиваат можност да бидат дел од развојни проекти (во кои вообичаено би бил вклучен одреден менаџер) и преку тоа им овозможуваме да се развиваат и да дадат поголем придонес.
Во 2019 година за прв пат се одржа “Best for Better” работилницата, а сега веќе имаме две вакви работилници зад нас. Самото име на настанот означува дека најдобрите работат за уште подобро, што всушност е и неговата цел. Учесници се најдобро евалуираните вработени од малопродажба за претходната година од сите продажни салони на Нептун. Во директна комуникација со највисокото раководство на Нептун, тие споделуваат искуства и идеи и директно работат на предлози за унапредување на работните процеси во компанијата и зголемување на задоволството кај клиентите. Тие решенија потоа се имплементираат и со оглед на тоа дека овие предлози доаѓаат од оние кои се во директен контакт со клиентите, придонесот е исклучителен.
Истата година ја унапредивме и нашата кариерна страна во повеќе аспекти. Освен софтверот за следење на апликанти кој ни ја олесни регрутацијата, отворивме дополнителен канал преку кој може да се споделуваат информации за активностите на вработените во Нептун и кандидатите и идните вработени подобро да се запознаат со она што не е видливо на прв поглед. Првата асоцијација за Нептун е најчесто прв избор за бела и црна техника, електроника и апарати за домаќинство, ние сакаме да го доближиме до кандидатите она што ја движи целата таа операција, а тоа се луѓето.
Очекувам во иднина да се става многу поголем акцент на работа со луѓето и на индивидуалноста, на тоа да не се инсистира луѓето максимално да се прилагодуваат на компаниите, туку обратно, компаниите да створат повеќе сензибилитет за посебните потреби и вештини на вработените, во смисла на работно време, начин на работа, начин на комуникација и потреби за учење.
Кога во една компанија постојат јасни компаниски правила, визија и цел на постоење, кога на луѓето коишто свесно доаѓаат и прифаќаат да работат во таква средина и во тие одредени услови им е овозможено да бидат она што се, тогаш незибежен е квалитетен однос, продуктивност и развој, и на луѓето, и на компаниите.
Тука можам да го споделам своето искуство, дека јас едноставно го работев она во кое верував, континуирано учев и бев многу упорна…и тоа и понатаму го правам. Наградата воопшто добив можност да ја примам затоа што моја колешка на еден менаџмент состанок сподели информација дека е отворен конкурс, па неколку колеги ме номинираа, па понатаму следуваше целиот процес на избор и одлуката многу пријатно ме изненади
Сакам да кажам дека кога постои страст за работата и убедување дека она што го правиме е правилно, награда во некоја форма секако доаѓа. Дали ќе биде плакета, лична сатисфакција и мотивација, нова позиција, нов квалитет на живот… тоа и не е толку важно, важен е континуираниот развој. Така и ние ќе бидеме подобри, а и општеството ќе има поголем бенефит од сите нас. Позицијата HR Менаџер ако се сфати во контекст поширок од самите компании, тогаш навистина може многу да придонесеме во унапредување на квалитетот на животот на луѓето преку работата.
Искрено се радувам на следниот HR Менаџер на годината и на она што ќе ни го донесе како нов квалитет. Постојат одлични професионалци во нашава област и оваа награда е и одлична можност јавноста повеќе да дознае за нивната работа, а компаниите да можат да применат некоја позитивна практика која и ним ќе им биде од корист.
Преземено од www.24HR.mk