Ана Костовска -HR менаџер-интервју за љубовта кон HR

September 2020

Ана Костовска -HR менаџер-интервју за љубовта кон HR

„Јас верувам во концептот на постојан развој во сите аспекти од животот и можноста за личен развој на секој поединец“. Вака започна нашиот разговор со Ана Костовска – Менаџер за човечки ресурси во Нептун Македонија и вистински вљубеник во својата професија.

Кога ја прашавме да ни открие нешто повеќе за себе, Ана ни кажа дека е ентузијаст за запознавање на нови предели и култури, а истовремено важи и за голем љубител на природата – особено на планините.

На професионално поле, нејзината цел е да го стимулира професионалниот развој на луѓето и организациите преку користење на теоријата на трансакциска анализа, системска семејна терапија и услужно лидерство.

Повеќе за Ана Костовска и нејзината HR приказна дознајте во нашето денешно интервју во рубриката „Љубов кон HR“ на 24HR.

Што ве натера да се вљубите во HR како професија?

Накратко – психологијата. Кога се запишав на психологија како студент, тоа го направив со идеја еден ден да работам клиничка психологија, што ќе значеше да станам терапевт. Ова ме поттикна да навлезам подлабоко во трансакциската анализа, каде преку група личен раст и развој се обучував 5 години. Од друга страна, како напредуваа студиите и од општа психологија, преминавме кон изучување на поединечните дисциплини, открив посебен интерес кон организациската психологија. Дотогаш не бев свесна за степенот до кој може да се влијае на унапредувањето на процесите во организациите, како и на општата добросостојба на вработените, што ме мотивираше по дипломирањето да запишам и постдипломски студии по менаџмент на човечки ресурси.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Иако уште со првото вработување моите работни активности претставувале дел од она што се работи во еден оддел за човечки ресурси, мојот пат не е праволиниски. Кариерата ја започнав во 2009 година во една од тогаш најголемите и најразвиени невладини организации кај нас – Центар за Институционален Развој – ЦИРа. Работев во рамки на голема програма за развој на граѓанскиот сектор – CIVICA Mobilitas која тогаш се развиваше, а е активна и денес.

Преку блиски пријатели кои ја познаваа мојата мотивација во овој период дознав за можност да поминам интензивни обуки во Ирска, Италија и Холандија на тема „Трансформациско лидерство“, кои во основа го имаат концептот на услужно лидерство. Оттаму, група ентузијасти од Македонија кои ги поминавме тие обуки основавме невладина организација за обезбедување на исти такви обуки за нашите млади и по дополнителни обуки добивме акредитација за да можеме и лично да ги спроведуваме. Организацијата се вика Лука Лидершип Македонија, пред 11 години беше основана како една од веќе постоечките организации во Ирска, Англија, Холандија, Австралија и Јужна Африка и преку волонтерска работа на сите вклучени успеавме на неколку стотини млади луѓе да им дадеме искуство кое можат да го пренесат во сите сфери од животот.

Искуството од ЦИРа и Лука Лидершип ми помогна да преминам на ново работно место во 2012 на кое можев во поголема мера да го пренесам стекнатото знаење. Се вработив како тренер за продажба во Близу медиа – телекомуникациски оператор кој сега е дел од А1. Таму бев одговорна за обука и развој на целокупниот продажен персонал, како и за спроведување на повремени обуки на одделот за грижа за корисници. Дополнително, бев назначена и за супервизор на одделот за поддршка на продажба во рамки на секторот за продажба.

Желбата да дадам придонес на повеќе организации во својот развој ме поттикна во 2014 година да преминам во областа на консалтингот каде имав можност на повеќе клиенти да им помогнам во проекти од областа на продажба, човечки ресурси, да направам истражувања на пазар и анализа и да испорачам обуки за меки вештини вклучувајќи лидерство, комуникација, преговарање и други.

Приказната со Нептун Македонија започнува во 2015 година, кога како надворешни обучувачи заедно со уште еден колега испорачавме обука за продажба за раководителите на продажните салони. На обуката беа присутни и останати претставници од менаџментот, вклучувајчи го и генералниот директор. Исходот од тој настан беше прирачник за продажба кој и денес се практикува и служи како основен документ за развој на продажниот персонал и понуда за вработување како специјалист за регрутација и обука и развој која ја прифатив.

Љубовта кон работата и континуираната мотивација за унапредување и на работните процеси и на сопствените компетенции по една година од вработувањето во Нептун ме доведе до позицијата Менаџер за човечки ресурси. Кога се работи она што се сака времето брзо поминува, па така месецов прославив 5 полни години стаж во Нептун Македонија.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Сметам дека ако одговорам на ова прашање, значи дека сум го дала својот придонес во полето и дека треба да барам нов предизвик. Јас верувам во континуирано поместување и на сопствените граници и на границите на тимовите и организациите за она што е можно. Би сакала тука да потенцирам дека сум многу среќна со моменталниот состав во одделот за човечки ресурси затоа што без тимска усогласеност и меѓусебна поддршка тешко се прават успеси. Всушност, на тоа и се должат достигнувањата – она што го може еден е занемарливо во однос на тоа што може да направи еден добар тим. Ова е мојот 😊

Тимот за човечки ресурси на Нептун Македонија (Тони, Анета, Ана, Сања и Елена)

Што би им порачала Ана на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Би им потврдила дека е прекрасна професија. Во исто време, многу е важно секој што работи во областа да е многу свесен за сопствената мотивација. За нашава област основен мотив треба да е љубовта кон луѓето и стремежот кон позитивните промени, а за ова второво се задолжителни и голема мера на упорност и верба дека промените се можни. Нема откажување во HR 😊

Преземено од порталот 24HR